Македонската ракометна репрезентација во Полска ќе има нова, втора шанса за Олимписка виза по неуспешниот обид во Шведска пред четири години.
Освојувањето на едно од двете места во квалификациска група ќе значи пласман на Олимпијадата во Рио и остварување на ракометниот сон на „златната генерација“.
– Ова е втора шанса за пласман на Олимпијада која не смее да се пропушти. Сигурно големи се мотивите во нашата репрезентација за крунисување на оваа генерација со пласман на Олимписките игри. – рече Горан Андоновски.
Домаќинот на турнирот Полска, афричкиот вицепрвак Тунис и Чиле се ривалите на Македонија во Гдањск, каде ќе се кршат копјата за Олимписка виза.
– Полска која е организиратор на турнирот е фаворит, меѓутоа ние покажавме дека можеме да се носиме рамноправно со секоја селекција. Селекцијата на Тунис има одредени проблеми по суспензијата на неколку играчи по инцидентот на Афричките игри, но тоа ќе треба мудро да го искористиме. Од селекцијата на Чиле сме далеку поквалитетни и мислам дека тука треба да покажаме што знаеме, но да го искористиме тој меч за прослава за пласманот на Олимписките игри. – додаде Андоновски.
Полска и Тунис со нови селектори, „црвено жолтите“ со стар арсенал ќе се судрат во Гдањск. – Македонија во играчкиот кадар има се што е потребно за одигрување на еден ваков турнир. Ракометарите имаат богато искуство, квалитетот им е неспорен, а и формата на репрезентативеците во нивните клубови многу радува. Затоа, Македонија ја ставам рамо до рамо со Полска на овој турнир. – заврши тренерот на РК Охрид.
Пулените на Ивица Обрван турнирот го отвараат против Полска во петок во 20:30ч, а мечевите со Тунис и Чиле ги играат во 18 часот в сабота односно в недела.
Мх.П.