Ракометниот стратег Горан Андоновски ја продолжи верноста со охридскиот клуб и следната сезона ќе го предводи во Супер лигата.
– Поради одлично сработената задача во минатата сезона, на денешната седница на управниот одбор на РК Охрид 2013, одлучивме на шефот на стручниот штаб Андоновски, да му понудиме нов договор, да и во наредната сезона да биде дел од клубот. На наше големо задоволство Андоновски го прифати понудениот договор, што значи дека и во наредната сезона ќе раководи со стручниот штаб – изјави претседателот на РК Охрид 2013, Димитар Спасески.
Од продолжената соработка задоволен е и Андоновски кој е еден од главните виновници за приматот кој го има ракометот во градот Охрид.
– Задоволен сум од третманот што го добивам од управата и со задоволство прифатив и во наредната сезона да бидам дел од клубот, односно и понатака да раководам со стручниот штаб на клубот. Полека ја формираме екипата за оваа сезона, го задржавме костурот на екипата, до сега донесовме едно засилување на голманската позиција, а сме во преговори уште со неколку играчи кои би биле потенцијални засилувања за клубот. Амбициите, нормално, за оваа сезона се поголеми и повторно очекуваме исполнување на зацртаните цели – соопшти охридскиот стратег.
Мх.П.