Од реоформувањето на Ракометниот клуб Охрид, Горан Андоновски е предводник на екипата водејќи ја во добро и лошо. За неговата несебична ангажираност во изминативе пет години најголема награда е успешноста на клубот во Супер лигата и признанието за најдобар тренер од Сојузот на спортови за 2015 година.
– Признанието за најдобар тренер кое ми е доделено од моите сограѓани многу ме погоди и е награда за мојот досегашен труд во ракометот. Во животот на спортско поле сум бил учесник на Европско и Светско првенство, сум освојувал титули во домашниот шампионат и националниот куп меѓутоа оваа награда ми е најдрага од сите досегашните во мојата ракометна кариера. Верувајте последните пет години откако го водам клубот го жртвував приватниот живот запоставувајќи ја фамилијата комплетно за успехот на екипата. Речиси сите викенди од годината ги минувам заедно со играчите и еве на крајот од 2015 година се исплатеше правејќи го Охрид стабилен и респектабилен суперлигаш – рече Горан Андоновски.
Клубот во есенската полусезона во Супер лигата ја освои вицешампионската позиција позади лидерот на табелата Металург што преставува историски успех за охридскиот ракомет, а шлаг на тортата беше награда од Сојузот на спортови-екипа на годината.
– Од реоформувањето клубот секоја година оди во нагорна линија. Првата година целта ни беше да се зближиме и сплотиме, а не само што успеавме во тоа ни се боревме за пласман во Супер лигата. Втората сезона извисивме во последните натпревари за влез во елитата, но Општината го презеде клубот откако Струга не успеа да обезбеди потребни финансиски средства. Во првата сезона во суперлигашкото друштво ја остваривме целта обезбедувајќи опстанок, а во втората за три бодови останавме без пласман во разигрувањето на титулата. Пред почетокот на сезоната неколку играчи го напуштија клубот, а со четирите интернационални засилувања направиме екстра квалитетна екипа што се покажа на теренот. Самодовербата од меч во меч растеше во екипата и победивме на натпревари на кои во минатото неможевме да помислиме. Но, кулминацијата се уште не е направена бидејќи во пролетната полусезона на гости во Охрид ќе ни доаѓаат екипи од рангот на Вардар, Металург и Макс Струмица кои сигурно ќе бидат мелем за очи за охридската публика која заслужува да гледа елитен ракомет. – истакна Андоновски.
Доминацијата на ракометниот клуб во изборот на најдобрите во Охрид за 2015 година ја заокружи ракометарот Иван Тасески кој го освои признанието за најдобар спортист во градот. – Тасески има неверојатен напредок во својата кариера. Тој буквално почна од нула во ракометот, но советите ги впиваше како сунѓер и после нецели пет години стана главна алка во охридската екипа. Еднаш кажав и повторно ќе напоменам дека за година, две или три ако продолжи во ваков ритам да работи на тренинзите го гледам во репрезентацијата. Исто така охридски продукти се Крсте Андоновски кој игра во првата постава и Аце Труфиноски од кој очекувам многу во втората полусезона по очајните игри во првата. – потенцираше охридскиот стратег.
Сезонава во тимот на „гладијаторите“ во Супер лигата шанса добиваа и ракометарите од пионерската екипа кои се натпреваруваат во младинската категорија.
– Во разговор со управата и спортскиот директор одлучивме пред почетокот на сезоната пионерската екипа да ја пријавиме да се натпреварува со младинците. Од овој агол изгледа дека ги фрламе во оган пионерите, но во спортот можиш да напредуваш кога се натпреваруваш со појаки и поквалитетни екипи. Два или три тренинзи пионерите тренираат со првата екипа што ќе им помогне во подоцнежниот тек од кариерата. – заврши охридскиот стратег.
Ракометарите на Охрид се слободни и уживаат во зимската пауза во шампионатот кој ќе продолжи во последниот викенд од февруари.
Михаил Постоловски