Охриѓани и бројните гости се насладија од традиционалниот специјалитет кој го подготвија дваесетината учесници на првата  „Ѓомлезијада“, што денеска се одржа во Велестово. Ѓомлезето кое стрпливо се подготвуваше околу три часа под сачовите распослани на ливадата околу домот за култура во Велестово го снема за миг, а организаторите велат дека тоа е уште еден доказ за квалитетот на овој специјалитет кој ги воодоошевува странските гости.


Оваа манифестација е организирана со цел промовирање на традиционалните вредности на охридскиот регион и развој на алтернативните форми на туризам што може да ги понуди овој крај, ни изјави Ѓоко Апостолов од организацискиот одбор на „Ѓомлезијадата“ и Секторот за локален економски развој при Општина Охрид.


– Се надеваме дека на овој начин ќе го зголемиме интересот, и на туристичките работници и производителите за учество во вакви манифестации преку кои не само што ќе можат да се промовираат, туку и да остварат економски профит, и на посетителите кои што преку слични случувања ќе можат поблиску да се запознаат со традиционалните вредности на регионот, додаде Апостолов.


Градоначалникот на Охрид, Александар Петрески, на отворањето на манифестацијата истакна дека Локалната самоуправа ќе продолжи да организира културни настани и содржини надвор од Охрид со цел заживување на руралните краеви. Такви настани планираме да се одржуваат преку целата година, најави Петрески.


Првата „Ѓомлезијада“ беше збогатена со настап на повеќе фолклорни групи, а за највештите мајстори  општината обезбеди парични награди. Првата награда и 10.000 денари освои Ратка Крстаноска. Втора награда не беше доделена, а третата награда од 3000 денари ја поделија Митра Ѓоршеска, Драгица Стојаноска и Снеже Грујоска. Сите останати учесници добија по 1000 денари.


Манифестацијата како што најавија организаторите ќе стане традиционална, а за во иднина се најавуваат и други вакви настани кои ќе ја збогатат туристичката понуда на Охрид.

Ohridnews
фото: Васко Бујароски