Репрезентацијата на Македонија ја оствари примарната цел на Мундијалот во Египет, откако избори пласман во главната фаза. „Црвено жолтите“ во мечот да се биде или не, со пресврт го совладаа Чиле 32-29, полувреме 16-17 и го фатија последниот воз за прогрес помеѓу најдобрите селекции.

Клучна улога во триумфот одигра одбраната, предводена од голманскиот тандем Митревски – Томовски. Првиот ги фрли во очај чилеанските репрезентативци во второто полувреме, а Томовски, кога и да влезеше успеваше да им одбрани седмерец на противниците.

Македонија мечот го почна во грч, со оглед на притисокот кој го имаше после двата високи порази од Шведска и Египет. Чилеанеците максимално ја искористија таа ситуација и го контролираа резултатот во првото полувреме. Чиле најмногу се одлепи на два голови, а на одмор замина со еден погодок позитива, 17-16.

Ракометарите на Македонија најдоброто го оставија за крај, одигрувајќи фантастични 30 минути. Одбраната функционираше беспрекорно, додека во нападот добитна комбинација беше играта „два на два“. На средината од второто полувреме, Македонија прв се одлепи на три погодоци. Чиле, не се предаваше, но кога и да се заканаше на место беа голманите. Во финишот, нашите репрезентативци се одлепија на четири голови и ги решија сите дилеми околу победникот.

Капитенот Лазаров со седум голови беше најефикасен во Македонија, а по пет пати прецизни беа Жарко Пешевски и Ненад Костески. Голманскиот тандем искомбинира 17 одбрани.

Покрај Македонија, во главната фаза ќе играат Шведска и Египет.

OhridNews