Искусниот чувар на мрежата Кирил Колев е нов ракометар на Ракометниот клуб Охрид. Тој со охридскиот состав потпиша едногодишен договор и треба да биде супер засилување за сезоната што доаѓа.

Колев кој минатите години го чуваше голот на Зомимак истакна дека е задоволен од постигнатиот договор со охридскиот клуб.

– Дојдов во клуб кој има големи амбиции и одлични играчи и сум среќен поради тоа. Се надевам дека ќе дадам придонес во остварувањето на зацртаната цел на клубот, а тоа е искачување на повисоко место на табелата – рече Колев.

Корпулетниот голман е првото ново име за новата сезона, а позитивни в печатоци имаше и првиот човек на клубот Димитар Спасески.

– Можам да кажам дека доаѓањето на голманот Колев во РК Охрид е на обострано задоволство. Голема придобивка е во своите редови да имаш ваков искусен и квалитетен играч. Се надевам дека со ова засилување и со другите кои допрва треба да дојдат во клубот но и со продолжувањето на соработката со веќе проверените играчи кои имаа придонес во минатата сезона, ќе ја исполниме зацртаната цел за оваа сезона. Засилувањата на клубот не завршуваат тука. Во преговори сме со уште неколку играчи и се надеваме на позитивен исход – потенцираше Спасески.


Договорот на уште една сезона со Охрид го продолжи и Борче Соколов, кој минатата во охридските редови пристигна од Зомимак.

Мх.П.