На Денот на независноста на Македонија, на терените на супер луксузниот хотелски комплекс „Пирин Голф“, во познатиот туристички центар Банско, Бугарија, се одржа голф турнир, во организација на туристичката агенција „Елида турс“ од Охрид и „Bulgaria holidays“.
На турнирот учество зедоа четириесеттина голфери од регионот, а победникот освои викенд во Охрид за двајца што го доделува Т.А. „Елида турс“, која беше покровител на турнирот.
Во чест на Денот на независноста, вечерта во хотелот „Пирин Голф“, се одржа Македонска вечер со традиционални јадења и музика, а беше прикажан и промотивен филм за Македонија и нејзиниот најубав туристички центар Охрид.
„Пирин голф“ кој се протега на површина од 2000 декари е комплекс од висока категорија со пет ѕвезди, сите добиени исклучиво поради квалитетот кој го нуди. Изграден од дрво во препознатлив стил, хотелот во внатрешноста го краси внимателно дизајниран ентериер, првокласно сместување, најразлична понуда на ресторани, спа центар со пропратни содржини и професионална услуга.
Комплексот има 18 голф терени опремени со GPS системи, голф клуб и голф академија, апартмани, вили кои сеуште се во изградба, шеталиште, трговски центар со тематски ресторани и брендирани продавници, галерии, вештачки езера… Во овој комплекс се е луксузно, освен цените, кои се неверојатно пристапни за услугите кои може да се добијат тука.