ГРК Охрид продолжува да ја гради екипата за наредната сезона. „Гладијаторите“ денеска и официјално го промовираа Градимир Чаневски кој ќе ја засили голманската позиција во клубот.

Триесет и шест годишниот Чаневски во Охрид доаѓа од Израел каде имаше ангажман во Макаби Ришон.

После две години во странство се одлучив за ГРК Охрид. Задоволство ми е што во наредните две сезони ќе бидам член на Охрид, бидејќи тоа е клуб кој одлично е организиран и менаџиран, пополнет со квалитетен кадар, како играчки, така и во стручниот штаб и управата. Клуб со амбиции кои со работа верувам дека ќе се остварат, изјави Чаневски.

Искусниот 36-годишен голман висок 188 сантиметри е повремен сениорски репрезентативец на Македонија со која има настап на Европско првенство и Медитерански игри. Настапувал и за младата репрезентација, а на клупско ниво бил член на македонските гиганти Металург, Вардар и Еурофарм Пелистер, пред да се пресели во Израел во Макаби Ришон.

Чаневски ќе го носи дресот на Охрид во наредните две сезони.

Г.М.
Фото: Бобан Стојаноски