Oхриѓанката Весна Миленкоска, хуманитарка чие „кисело лепче” е најомилено во семејствата каде го донира секој четврток се закити со признанието „Големо Срце” што четврта година по ред го доделува Здружението на жени менаџерки „Елит”.

Акцијата „Зготви и подари“ која ја реализира Миленкоска во соработка со хуманите граѓани трае повеќе од четири години, а помошта е стигната до голем број социјално загрозени семејства.

Чест и задоволство ми е што некој гледа и го цени мојот труд. Од срце се вложувам во секоја моја акција. Сум посетила многу семејства, сме помогнале со многу храна, средства за хигиена, парични средства, лекови, дрва, електрични апарати… основни работи што се неопходни во секое семејство. Секој последен четврток во месецот готвам и донирам храна во социјално загрозено семејство. Со објави на социјалните мрежи нашите сограѓани, пријатели донираат. На тој начин „Зготви и подари“ расте, и гордо можам да кажам дека одамна не е само оброк, посочува Миленкоска.

Наградата „Големо Срце“, вели, за неа значи ветар во грб, како и воопшто секое признание или пофалба, да се продолжи да се твори, да се прават дела кои ќе зборуваат.

Во ниту еден момент кога започнав не мислев дека баш оваа моја хумана мисија ќе ме донесе до признанија. И кога ќе ме прашаат што планираш понатаму искрено ќе кажам дека јас не го планирав ни ова. Се се случува спонтано, одиме чекор по чекор… се додека можеме… Заедно со здружението на жени менаџери „Елит“ го заокруживме 51-то „Зготви и подари“ за месец февруари. Со нивната донација направивме дваесет пакети со храна и средства за хигиена и истите се веќе донирани на семејства, потенцира Милнкоска.

Воедно, вели, сите кои сакаат да се приклучат кон оваа хумана мисија можат да ја контактираат на Инстаграм профилот.

Инаку, наградата „Големо Срце” здружението „Елит“ ја доделува секоја година во спомен на Олгица Илоска.

Н.С.Ј.