Наградата за добрата и посветената работа и организираноста повеќе од пет години за Женскиот ракометен клуб Лихнид пристигна по завршување на сезоната, откако вб селекторот на женската кадетска репрезентација, Јулијана Дамчевска меѓу 25-те ракометарки за подготовките за ЕХФ Шампионатот што ќе се одигра во Скопје од 31 јули до 6 август оваа година ја вклучи охриѓанката Ивона Блажеска.

Пивотменот во охридската екипа сиот свој потенцијал го покажа токму пред очите на селекторот на завршниот турнир во Охрид во кадетска конкуренција, на кој „китовите“ се закитија со бронзен медал, а Блажеска беше избрана во тимот на сезоната.

– Ова е наше најголемо признание, односно доказ дека работиме правилно, чесно и одговорно. Можеме да се пофалиме со титула од Првата лига, но нека ми простат сите, вклучувањето на Ивона во репрезентацијата е наша најголема победа во клубот до сега. – изјавија од клубот за Ohrid News.

Првиот собир кадетските репрезентативки ќе го имаат во вторник во Скопје, а во групата А од ЕХФ шампионатот се наоѓаат со Полска, Швајцарија, Грција и Фарски Острови.

OhridNews