Меѓународен тим астрономи откри сончев систем со седум планети со големина како Земјата и сите се наоѓаат на растојание од блиската ѕвезда на кое би можеле да имаат умерени температури, вода во течна состојба и услови за живот. Три од нив се на идеално растојание од своето сонце, откри НАСА на прес конференцијата што се одржа вечерва.
Според НАСА системот е оддалечен од Земјата 40 светлосни години, а планетите кружат околу ладната џуџеста ѕвезда TRAPPIST-1.
-За прв пат откривме толку многу планети налик на Земјата кои кружат околу една ѕвезда. Исто така за прв пат имавме можност да ја измериме нивната маса. Тоа се најдобрите кандидати за проучување во иднина. Ова откритие ни покажува дека пронаоѓањето на друга Земја е само прашање на време. Во оваа приказна имаме голем чекор кон одговорот на големото филозовско прашање, за што постојано размислуваме, а тоа е – Дали сме сами во вселената? – беше истакнато на прес конференцијата на НАСА.
Научниците укажуваат дека големото откритие на НАСА сепак треба да се земе со мала резерва, бидејќи резултатите се добиени врз основа на климатски модели кои треба да бидат потврдени. Тоа ќе биде можно со новата генерација сателити кои се градат, а кои ќе можат да го испитаат хемискиот состав на атмосферата на далечните Земји. Доколку биде откриен метан, слободен кислород и честички од хлорофил тоа ќе биде потврда на претпоставките дека некаде далеку од нас постои живот. Дали и каков, одговор треба да дадат идните истражувања на вселената.
OhridNews