Шарл Азнавур, ерменско-француски пејач и композитор со светска слава, ќе биде главна ѕвезда на Вториот Фестивал на францускиот филм што годинава ќе се одржи од 28 јуни до 4 јули во Охрид.


Азнавур чии музички албуми имаат милионски тираж, а настапувал и во голем број филмови, во Охрид ќе допатува на затворањето на фестивалот, кога ќе му биде врачена наградата за животно дело, беше соопшетно на прес конференцијата на која беа изнесени поединости за манифестацијата.

На затворањето на фестивалот, на Античкиот тетар, свој настап ќе има и македонската пејачка Тања Царовска, која ќе исполни неколку шансони од Шарл Азнавур.


Тања Царовска

Финансиската конструкција на фестивалот кој е поддржан од локалната самоуправа 90% е затворена, истакна Зоран Велјаноски – Летра, директор на фестивалот. Тој рече дека копиите на филмовите што ќе бидат прикажани на Фестивалот веќе се изработени во студиото на „Кодак“ во Париз, а истакна дека за што поголема посетеност на манифестацијата е обезбеден специјален 50-процентен попуст за авионските билети на „Адриа Ервејс“ на релација Скопје-Париз во деновите на одржувањето на Филмскиот фестивал. Летра најави дека постои иницијатива и реални шанси во иднина во рамките на оваа манифестација во Охрид да биде снимен и долгометражен игран филм по теркот на „Мирно лето“.


Фестивалот ќе биде отворен со  кино-проекцијата на филмот „Западно од рајот“, последното творештво на познатиот француски режисер Коста Гаврас. Во текот на петте дена на одржувањето на Фестивалот ќе бидат прикажани 12 играни филмови од најновата француска продукција, од кои десет наслови влегуваат во конкуренција за наградата „Златна маска“. За разлика од минатата година, годинава на фестивалот дневно ќе бидат прикажувани по два филма, со проекции од 18:30 и 20 часот во Центарот за култура „Григор Прличев“. Во рамките на манифестацијата ќе бидат прикажани и четири краткометражни филма, од кои два на француски и два на македонски автори.

Ohridnews