Долги чекања за превоз до плажите, такси комбиња кои возат само до Славија, неиздавање фискални сметки, такси ни за лек, нервозни гости , ова е сликата од изминатите неколку денови во Охрид. Напливот на туристи за продолжениот викенд, како што велат охриѓани, како и секоја година така и оваа, придонесе за „ колапс“ на градот.
Гостите кои деновиве сакаа да одат со јавен превоз до некоја од плажите беа третирани како на пазар. Чекаа по повеќе од половина час. Во меѓувреме возачите на бројните такси комбиња и приватни лица кои решиле да заработаат во тие три дена без да поседуваат било каква дозвола за превоз на патници, доаѓаа на автобуските станици и ги бираа патниците зависно од тоа дали им одговара дестинацијата до која гостите сакаат да патуваат. Најголемиот број гости, кои одбрале да одат на некоја од плажите после Славија, остануваа непревезени, чекајќи и по еден час.
– Додека чекавме на станица превоз за до Лагадин пристигнаа неколку комбиња. Прашуваа до каде одиме и кога ќе спомневме Лагадин одбиваа да не превезат кажувајќи дека возат само до Славија и дека не им се исплаќа да возат подалеку. Кога пристигна комбе на кое пишуваше Охрид- Пештани се качивме и побаравме да платиме карта за до Лагадин и возачот ни кажа дека вози до Славија. Кога реагиравме дека на таблата пишува до Пештани ни кажа- епа немам друга табла, се жалат гости од Битола.
– Чекавме многу долго за превоз и кога кончено не зеде едно комбе ни кажа дека деновиве едвај се стигнува до Пештани поради тоа што сообраќајот е буквално блокиран кај Макотекс, раскажуваат гости од Скопје.
– Влеговме во комбе во кое немаше место ниту да се стои а возачот и понатаму застануваше да качува патници. Плативме за превоз до Акапулко и му побаравме фискална сметка на возачот а тој налутено ни рече- во оваа гужва вие уште барате сметка?, велат туристи од Белгија кои вчера одлучиле да го посетат Пештани.
Хаос се случуваше и со такси превозот. На телефонските броеви од такси компаниите или никој не одговараше, а ако најдете возило на улица тогаш многу веројатно дека ќе платите сума на пари многу поголема отколку реалната за да стигнете до саканата дестинација.
– Побаравме такси за да ме превезе до меѓуградската автобуска станица за од каде што требаше да заминам за Скопје. Ни кажаа дека возилото веднаш ќе пристигне. Чекавме половина час и не дојде па го пропуштив автобусот. Наредниот ден повторно беше невозможно да се најде такси, па некако успеав со градски автобуски превоз да стигнам на автобуската станица, раскажува гостинка од Србија.
Неофицијално дознаваме дека причината за ваквите проблеми била што голем дел од такси возачите ја исклучувале комуникацијата со базата во компанијата и возеле на своја рака, сакајќи да заработаат нелегално. Поради што дел од сопствениците на такси компаниите, вчера, одржале состанок со возачите на кои им било кажано дека ќе следуваат санкции ако дневно не реализираат по одреден број возења.
Бројни проблеми имаа и оние кои одлучиле да одат на некоја од плажите на крајбрежјето со сопствено возило. Велат дека едвај наоѓале паркинг место, а од плажите се враќале со часови поради долгите колони на возила.
Години наназад туристичките работници и надлежните прават напори во текот на летната сезона Охрид да го посетат што поголем број гости. Но, се поставува прашањето, дали Охрид воопшто има капацитет да прими толкав број на гости каков што имавме деновиве и кои се проблеми треба што поскоро да се решат, за гостите наместо изнервирани од градот на Охридското езеро да си заминуваат среќни и задоволни.
Т.К.