Најмалку 13 лица загинаа во јужна Калифорнија поради силната зимска бура. Рекордните дождови предизвикаа поплави и лизгање на земјиштето. Би-Би-Си пренесува дека 163 лица се повредени и префрлени во болница, а четворица од нив се во критична состојба. Наводно околу 300 лица се заробени источно од Санта Барбара.
Полицијата истакна дека сцените изгледаат како бојно поле по Првата светска војна. Спасувачките екипи со хеликоптери евакуираа луѓе кои се качуваа по покривите. Медиумите ја раскажуваат приказната на 14 годишно девојче кое било извлечено од срушена куќа, каде со часови била заробена. На жителите на Санта Барбара им било наложено да се евакуираат, но на апелите се одзвале само 15 проценти од населението. Официјалните лица стравуваат дека бројот на жртви ќе продолжи да расте.
Голем број куќи се уништени, додека неизвесна е судбината на жителите во населбите до кои е тешко да се допре поради скршени стебла и далеководи. Патиштата се блокирани, поради што хеликоптерите се користени дури и за време на бурата, а илјада луѓе останаа и без електрична енергија. Спасувачките екипи со хеликоптери извлекуваат луѓе и ги носат на безбедносно место.