Српските репрезентативки Сања Дамњановиќ и Катерина Томашевиќ, чуварот на мрежата на Вардар, Ина Суслина ќе бидат специјални гости на ракометниот камп на Андреа Лекиќ во Охрид, кој ќе се одржи од 20 до 26 јуни.
Најдобрата ракометарка за 2012 година во светот Лекиќ на официјална прес конференција го најави третиот ракометен камп, која го организира со нејзината Академија.
– Овој камп е многу сериозен проект. Прв пат се одржува во Македонија, се надевам дека уште долго ќе останеме овде. Оваа година имаме пријави од девет земји, работиме исклучително на создавање на квалитет, затоа и бројот е ограничен. Откако сум во Македонија имав можност неколку пати да го посетам Охрид, па затоа и решив овој камп да се одржи токму во овој град. Знам колку луѓето овде го сакаат ракометот и затоа и ја донесов одлуката по двата кампа во Србија, сега кампот да биде во Македонија. Имаме сериозен стручен штаб, со психолог и кондициски тренинг, професионалноста се на највисоко ниво. Цената која изнесуваше 300 евра ја спуштивме на 250, поради желбата да имаме што повеќе деца од Македонија. – рече Лекиќ, пренесува „Екипа.мк“.
За прв пат ракометниот камп од Лекиќ ќе се организира во Македонија, а не случајно за град домаќин е избран Охрид.
– Академија „Андреа Лекиќ“ за првпат се одржува во нашата земја. Професионалноста со која се пристапува на овој камп и тимот што учествува е на највисоко ниво, сакаме ова да биде соработка што ќе трае долго време. – потенцираше Дејан Трифуновски.
Во истиот период од месец јуни ракометен камп ќе организира капитенот на македонската репрезентација Кирил Лазарови и ракометниот клуб Металург.
Фото : Екипа.мк
Мх.П.