Средбата ќе се одржи во рамки на регионалниот самит на тројцата премиери од Грција, Албанија и Македонија, на кој ќе се разговара за еколошките проблеми на Преспанското Езеро. Но, со сета почит кон исклучително важните еколошки прашања кои го оптоваруваат регионот, фокусот на интересирање не само на јавноста во Македонија и Грција, туку и пошироко, ќе биде на билатералната средба Папандреу-Груевски. Првата причина е тајмингот во кој таа се се случува, а особено по негативните одеци од последните одделни разговори на посредникот во спорот за името Метју Нимиц со преговарачите на Скопје и Атина, по која двете страни останаа на своите тврди позиции. За некои ваквиот епилог од последната њујоршка сесија е мало изненадување со оглед на големите очекувања на меѓународната заедница за решавање на ирационалниот билатерален спор, но всушност тој малку ги изненади сите кои внимателно го следат осумнаесетгодишниот процес исполнет со политички и економски блокади, жестока реторика и популизам на кој се собираа политички поени во двете држави.
Тогаш што може да промени средбата во Мала Преспа и дали треба да се очекува некаков пресврт кој евентуално би можел да доведе до решаение на спорот пред самитот на ЕУ на 7-ми декември? Се чини дека ваквите очекувања се преголеми, иако средбата Папандреу-Груевски, без оглед што технички е поместена на маргините на трилатералата во Мала Преспа, сама по себе значи одредено поместување во процесот, од едноставна причина што двете страни за прв пат на највисоко ниво ќе разговараат за отвореното прашање. Нереално е да се очекува брз пресврт во надворешната политика на Грција и на Македонија, но под притисок на меѓународната заедница може да се очекува промена на форматот од разговори со посредништво на ОН во директни преговори. Во кој правец ќе течат разговорите или преговорите за решавање на наметнатиот спор за името можеби ќе покаже токму средбата во Мала Преспа, иако се чини дека очекувањата од тет-а-тет средбата Груевски-Папандреу се поголеми од тоа што реално таа може да донесе. Но самиот факт дека грчки и македонски премиер ќе разговараат е некаков прогрес. Колку голем ќе дознаеме од изјавите на двете страни по средбата, но повеќе од ехото кое за неколку дена ќе пристигне од дипломатските ходници на Брисел и Вашингтон.