Големата понуда и економската криза се главните причини поради кои од година во година опаѓа цената на станбениот квадрат во Охрид. Само пред неколку години во нашиот најголем туристички центар тешко можеше да се најде солиден стан за цена под 800 евра за метар квадратен, но сега станови во охридските станбени комплекси се продаваат и по цени од 600 евра за метар квадратен.  

Лицата кои го познаваат пазарот за недвижности потврдуваат дека најголемо намалување на цените има кај становите кои се лоцирани во периферните делови на градот, додека пак цените на становите во централното подрачје сеуште држат повисоки цени.

-Цената на квадратот во центарот на Охрид се движи од 1.000 до 1.200 евра, во зависност од локацијата на зградата, од староста и квалитетот на градбата и секако од опременоста на станот. Но има и поединци кои поради различни причини ги продаваат становите и по пониски цени. Но сепак цените се намалени за разлика од претходните години кога станови во центарот на градот се продаваа и по 1.500 евра за метар квадратен, велат дел од агентите за недвижности со кои поразговаравме на оваа тема.

Според нив намалувањето на цените не влијае значително врз интересот за купување на станови.

-Интересот за становите е многу помал во споредба со претходните години. Речиси никој не се интересира за становите со поголема квадартура и најголем интерес има за становите од 40 до 60 квадрати. – велат посредниците за продажба на недвижности.

Дека тешко се продаваат становите во Охрид потврдуваат и поединци кои сами ги продаваат своите станови.

-Веќе неколку години го продавам мојот стан кој има околу од 85 метри квадратни. Го имам огласено на интернет но многу ретко некој се јавува за да праша. Го продавам по цена од 800 евра за квадрат, бидејќи е на локација близу центар и е релативно нова градба. Но ако не го продадам за скоро време ќе морам да ја спуштам цената, вели охриѓанец, кој живее во странство.

Поради слабата продажба на станови, со голем проблем се соочуваат и инвеститорите, кои градат згради речиси на секој чекор во Охрид. Според некои проценки, лани и годинава е завршена градбата на десетина станбени згради на различни локации во градското подрачје.

Освен кај становите, агенциите за недвижности бележат значително опаѓање на цените кај куќите, плацевите и деловните простори во Охрид.

Видно раздвижување на побарувачката е евидентирано само кај апартманите кои се лоцирани на крајбрежјето на Охридското Езеро, за кои интерес пројавуваат претежно странски државјани или македонски иселеници во странство. Цените на овие апартмани се формираат во зависност од местоположбата и опременоста.

Е.М