Во престолнината на Република Србија, Белград, деновиве се одвива интензивна промоција на спортските, културните и економски потенцијали на Охрид. На иницијатијава на почесниот конзул на Србија во Охрид, Мишо Филев, и со негова поддршка, во Белград отпатуваа педесеттина спортисти од Охрид и претставници на атлетскиот клуб Охрид трчаТ, кои ќе земат учество на 36. Белградски маратон, што ќе се одржи во недела 23 април. Тие ќе учествуваат на трките од 2,5, 10 и 21 километар, а ќе се трча и маратон од 42 километри.

Во рамки на експото на Белградскиот маратон што се одржува на саемот во Белград, поставен е штанд на кој се промовира атлетскиот викенд Охрид трчаТ, кој традиционално ќе се одржи првата недела од месец јуни. Во рамки на експото, денеска, се одржа промоција на Охрид трчаТ 2023, на која покрај претставници на манифестацијата, учествуваа и почесниот конзул Филев и спортските партнери од Стречвел Србија, кои и оваа година ќе бидат дел од Охрид трчаТ.

Изминатите два дена тука имавме одлична презентација на Охрид трчаТ, но и на Охрид. Ја продлабочуваме соработката со Белградскиот маратон, кој ќе биде дел од нашата манифестација од 2 – 4 јуни во Охрид, а очекуваме и голем број тркачи од Република Србија на „Ohrid running weekend“, изјави Јоне Станкоски од АК Охрид трчаТ.

Охриѓани ќе бидат дел од над 10 000 тркачи од целиот свет кои ќе земат учество на годинешниот Белградски маратон. Директорот на манифестацијата, Дарко Хабус, во разговор за Охридњуз, истакна дека се е подготвено за спортскиот спектакл.

Ме радува што вас, како и тркачите од целиот регион ве има во голем број. Ова е добра можност за меѓусебно вмрежување. Секако ние ќе ја возвратиме посетата со учество на Охридскиот маратон. – најави Хабус.

Задоволство изрази и почесниот конзул на Србија во Охрид, Михајло Филев, кој деновиве има интензивни средби со претставници на Град Белград, пратеници и други општествени фактори.

Тој се сретна со заменичката градоначалник Весна Видовиќ, како и со пратеникот Иван Кариќ, а присуствуваше и на патронатот на локално училиште кое е збратимено со охридското училиште „Кочо Рацин“.

Збратимувањето помеѓу Белград и Охрид, за што има желба и иницијатива од двете страни, како и поддршка од градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков, ќе го реализираме во наредниот период, откако ќе бидат завршени сите процедури и ќе бидат донесени соодветни одлуки на градските органи. Тоа ќе биде уште една можност да ја продлабочиме соработката помеѓу двата града, но и помеѓу двата народа, дотолку повеќе што српските туристи се едни од најбројните во Охрид, а тоа отвара големи можности за сите нас. – истакна Михајло Филев.

Во Белград се и преставници на Општина Охрид, но и бизнисмени кои ги подржуваат позитивните иницијативи и активности кои се во насока на промоција и развој на Охрид.

Г. Момироски