Нема повеќе непоразени екипи во регуларниот дел од Супер лигата, откако Охрид со фантастичен пресврт го надигра и го совлада скопски Металург со 22-20 (10-11) во 17-та рунда од првенството.

Иако мечот немаше резултатско значење, „гладијаторите“ и без осмиот играч од трибините одиграа маестрален натпревар и на најдобар можен начин ги најавија дуелите во плејофот од македонскиот ракометен шампионат.

Супер дербито подобро го отвори Охрид и поведе со 3-1. Домашниот состав продолжи во исто темпо и на семафорот повторно имаше предност од два погодоци 5-3, а потоа и 7-5. Гостите ги консолидираа редовите, ја стегнаа играта во одбрана и почнаа да загрозуваат водството на Охрид. Околу 20-та минута, Металург успеа и да поведе со 8-7. Во финишот од првиот дел двете екипи постигнаа идентичен број на погодоци и разлика во корист на гостите остана.

На стартот од второто полувреме Металург два пати реализираше, а Охрид на спротивната страна не можеше да го пронајде патот до противничката мрежа. Металург поведе со плус три (10-13) и прв пат се одлепи на семафорот. Негативата не ги поколеба охриѓани, кои, смогна сили и дојдоа до егал (15-15). Со серија од три голови, Металург повторно се одлепи и ја врати најголемата предност.

Охридските „гладијаторите“ во продолжението од мечот покажаа неверојатна желба и волја за игра. Одбраната на чело со голманот Даниловски беше непробојна а нападот сигурно ја тресеше противничката мрежа за ново изедначување 18-18. Охриѓани, налетот овој пат го искористија, беа по мудри во завршување на акциите а Даниловски буквално ги „полуде“ некогашните соиграчи со бравурозни интервенции. Со серија од 4-1 во последните пет минути Охрид го доби натпреварот и најави жестока битка за бодовите во плејофот.

„Меч винерот“ Даниловски имаше 16 одбрани додека во листата на стрелци се истакнаа Филип Кривокапиќ со седум голови, Денис Тот со шест и Мартин Манасков со пет погодоци. Во тимот на Металург, Реваз Чантурија беше најефикасен со пет погодоци.

Регуларниот дел од Супер лигата, Охрид ќе го заврши на гостински терен во Скопје кај тимот на Металург 2.

Мх.П.