За да ги задоволи потребите од крв и крвни продукти на пациентите во здравствените установи во Охрид, Црвен крст Охрид во соработка со Општина Охрид организира голема крводарителска акција под мотото „ОХРИД СПАСУВА ЖИВОТИ“ што ќе се реализира на 27-ми мај, среда, во спортската сала на ОУ „Григор Прличев“, од 9:00 до 14:00 часот.
Во периодот на месец мај, во кој сеуште се соочуваме со епидемија од КОВИД-19, поради што и не постојат услови за одржување на традиционалниот јавен матурски танц и организирање на матурските прослави и свечености, Црвен крст Охрид и Општина Охрид создаваат услови и можност охридските матуранти да ја прослават својата матура и го „танцуваат“ Охридскиот матурски квадрил на хуманоста, дарувајќи крв на оваа крводарителска акција.
- Ги покануваме овогодинешните матуранти, но и вработените во општина Охрид и јавните претпријатија и сите хумани сограѓани на возраст од 18 до 65 години да се придружат на хероите на ова време и дарувајќи ја драгоцената течност, спасат човечки животи, порачуваат од општинскиот Црвен крст.
Согласно протоколите за работа во услови на епидемија од КОВИД-19 ќе бидат преземени сите потребни заштитни мерки и овозможени услови за безбедно дарување крв на сите крводарители.
OhridNews