Членови на Советот на честа при ЗНМ беа Ида Протуѓер – “Алфа” телевизија, Аднан Ајдари – “МТВ – Албанска редакција”, Александар Чомовски – “А1” телевизија, Иван Блажевски – “Алсат-М” телевизија, Катерина Блажевска – “Дневник”, Сања Васиќ – “Телма” ТВ, и новинарот Жарко Јордановски.
„Советот на честа констатира дека нема на располагање други алатки за да може неговите препораки да го постигнат очекуваниот ефект. Колективната оставка на членовите на Советот на честа е и знак на протест за состојбата во која се најде македонското новинарство, кое стана целосен заложник на интересите на сопствениците на медиумите и на останатите центри на моќ, главно на политичките партии, наместо да и’ служи на јавноста и на вистината. Принципите на Кодексот бескрупулозно се кршат, а новинарите не покажуваат сила да се изборат за професијата која треба да биде дел од креирањето на демократскиот амбиент и јавното мислење. Довербата во медиумите падна на најниско можно ниво“, се вели во официјалното соопштение на Советот.
Реагираше и Здружението на новинари на Македонија според кое со оставки нема да се решат проблемите на новинарството
– Ние сите сме свесни за тешката состојба на македонското новинарство, но со оставки и откажувања сигурно нема да се решат проблемите на новинарството. Ако некој мислел дека проблемите што се наталожени две децении ќе се решат за шест месеци се излажал, велат од ЗНМ.
За тврдењето дека Советот нема на располагање алатки за да се бори против прекршувањето на Кодексот на новинари, од ЗНМ велат дека единствена алатка против оние кои ќе се огрешат на овој кодекс е јавната осуда.
Оставката на советот на честа доаѓа во момент на сериозна криза во македонското новинарство.
Две новинарки денеска беа отпуштени од „Утрински весник“. Станува збор за долгогодишните новинари Билјана Јовановска и Оливера Војновска. Според нив нема никакво покритие за отказите.
Билјана Јовановска беше најгласна во изразувањето на незадоволство по најавата на МПМ, компанијата која ги издава весниците дека од овој весник ќе се отпуштаат десет новинари. Во петокот сите новинари не работеа и најавија дека Утрински следниот ден нема да излезе. Но весникот сепак излезе со текст на главниот одговорен уредник во кој беше наведено дека весникот им го должат на читателите.
Состојбата е уште подраматична во дневните весници „Шпиц“, „Време“ и „Коха е Ре“ кои утре ќе излезат за последен пат.
На новинарите и другите вработени во овие весници денеска им било соопштено дека весниците згаснуваат и дека во наредниот месец ќе бидат на колективен одмор, а потоа ако не се најде купувач фирмата ќе оди во стечај.
Неизвесна е судбината и на А1 телевизија, чија сметка е блокирана за 9 милиони евра.
извор: „Макфакс