Одделот за организиран криминал при МВР до надлежното Јавно обвинителство поднесе кривична пријава против лицата Т.С. (36) од Тетово и Б.М. (44) од Гостивар поради основано сомнение дека сториле кривично дело – “измама“ – при што за сметка на оштетено лице од Битола се стекнале со противправна имотна корист од околу 5.227.500 денари.

Пријавените во текот на мај месец 2007 година во повеќе наврати во средбите со оштетеното лице Г.Д. сопственик на хотелот Милениум во Охрид, преку прикажување на лажни факти и ветувајќи му дека ќе го добие тендерот за купување на хотелот на Македонски пошти во Охрид на два пати зеле прво 50.000 евра, а потоа и уште 35.000 евра.

Второпријавениот на една од првите средби со оштетениот му соопштил дека има пријателски врски во Министерството за финансии и дека може да му “среди“ да го добие тендерот за продажба на хотелот на ПТТ во Охрид. После неколку дена второпријавениот дошол во Охрид заедно со првопријавениот Т.С. кого го претставил како Зоран Н. наводно вработен во Министерството за финансии. Во текот на разговорот оштетениот се стекнал со впечаток дека Т.С. (односно за него Зоран Н.) бил добро упатен во сите детали околу тендерот. И бидејќу му било речено дека вредноста на хотелот е проценета на 2.200.000 евра од него биле побарани 220.000 евра авансна уплата како гаранција за добивање на тендерот, сума што потоа, наводно ќе била вклакулирана во продажната цена на хотелот. Веднаш било договорено најпрво оштетениот да му даде 50.000 евра (му ги предал на Т.С. во присуство на Б.М.) а останатата сума за аванс да ја доплати во текот на еден месец и да биде исплатена преку жиро сметка. Оштетениот побарал да добие написмено за парите (50.000 евра) што ги дал на рака на првопријавениот.

По неколку дена во Скопје во ресторан се сретнале оштетениот и Т.С. кој од своја страна му предал документ наводно од Министерството за финансии со кој се потврдува дека го добил тендерот за купување на хотелот. На скопскиот аеродром имало уште една средба меѓу сите тројца (оштетениот инсистирал на средбата да биде и второпријавениот во кого имал доверба) и му предал на Т.С. уште 35.000 евра а овој нему документ (каса прими) издаден од Министерството за финансии на сума од 220.000 евра.

Оштетениот отпосле, преку дневниот печат, разбрал дека Македонски пошти распишале тендер за продажба на хотелот и веднаш се јавил кај пријавените да му објаснат за што станува збор и да му ги вратат парите.

извор:
МВР