Во тек е голема акција на Министерството за внатрешни работи. Се апсат полицајци, бизнисмени, директори, општински советници кои организирано шверцувале културно наследство и профитирале од овој нелегален бизнис.

Досега се уапсени 48 лица, претресени се 60 објекти во осум градови, Прилеп, Штип, Струмица, Неготино, а пронајдени се и големи количини на метални монети, керамика, статуетки и фрески, со кои профитирале дивите копачи.

„Ги отфрламе сите обвинувања и шпекулации кои можат да бидат поврзани со овој случај бидејќи нашата единствена цел со оваа голема полициска акција е да се расчистат кривичните дела поврзани со недозволена трговија со археолошки предмети. Со оглед на тоа што ова е полициска акција која тече и во овој момент, не сме во можност да даваме информации во поглед на идентитетот на лицата, со оглед на финалниот број на пронајдените предмети, меѓутоа во текот на периодот што следува, денеска подоцна или во текот на утрешниот ден зависно како ќе течат претресите, детално ќе ја информираме јавноста за сите информации и податоци поврзани со оваа полициска акција“ изјави Министерот за внатрешни работи Гордана Јанкуловска.

Во Македонија, според познавачите, егзистираат голем број групи на диви копачи кои дејствуваат и крадат најчесто кај Марвинци, Мариово Вранче, Чепигово, Стоби, Хераклеја, Скупи.

Антиквитетите најчесто се одлеваат во Грција, земјите на Западна Европа, а некои го продолжуваат патот и кон САД.

Во илегалниот бизнис се знае кој копа, кој посредува, кој купува. Голем број на диви копачи од странство, авантуристи и криминалци се почесто ја осиромашуват земјава.

OhridNews
Извор: Макфакс