Најмалку 296 лица загинаа во големиот земјотрес што претходната ноќ го погоди Мароко и предизвика материјална штета и паника во Маракеш и уште неколку градови, соопштија утринава локалните власти, информирајќи за првиот биланс од катастрофата.

Националниот центар за научни и технички истражувања со седиште во Рабат соопшти дека земјотресот бил со јачина од 7 степени според Рихтеровата скала и дека неговиот епицентар бил во провинцијата Ал Хоуз, југозападно од Маракеш, популарна дестинација за странските туристи.

Според привремениот извештај, 296 лица загинаа во земјотресот во провинциите и општините Ал-Хауз, Маракеш, Уарзазате, Азилал, Чичау и Тарудан, се вели во соопштението на властите.

Се додава дека повеќе од 150 лица се повредени и префрлени во болници. Локалните медиуми објавија дека тоа е најсилниот земјотрес што го погодил Мароко досега. Освен во Маракеш, тресењето на земјата се почувствувало и во Рабат, Казабланка, Агадир и Есауира, предизвикувајќи паника кај населението. Многу луѓе излегоа на улиците на тие градови во страв од уривање на нивните домови, според сликите објавени на социјалните мрежи. Регионалниот центар за трансфузија на крв во Маракеш денеска ги повика жителите да даруваат крв за повредените.

Индискиот премиер Нарендра Моди, кој викендов е домаќин на самитот на Г20 во Њу Делхи, упати сочувство до роднините на жртвите од земјотресот. Порака со сочувство испрати и германскиот канцелар Олаф Шолц.

Во февруари 2004 година, земјотрес со јачина од 6,3 степени според Рихтеровата скала ја потресе провинцијата Ал Хосеима, 400 километри североисточно од Рабат, при што загинаа 628 луѓе и предизвика огромна материјална штета.

Претходно, на 29 февруари 1960 година, земјотрес го уништи Агадир, на западниот брег на земјата, и остави повеќе од 12.000 мртви, или една третина од населението на градот.

OhridNews

фото. МИА/ЕПА