Страотна несреќа се случи вечерва во Татово. Според првичните информации, голем пожар избувнал во Ковид центарот во тетовската болница, каде има и жртви. Информацијата ја потврди Министерот за здравство Венко Филипче, кој се упатил на местото на настанот.

Страотна несреќа се случи во Тетово, каде има и жртви во пожарот кој го зафати Ковид центарот. Точниот број на лица кои го загубиле животот, повредените и нивната состојба се иутврдува во моментов. – напиша Филипче на Твитер.

Пожарот е веќе изгаснат и сите тимови од болницата се мобилизирани да дадат помош на повредените. Тие итно се транспортираат на скопските клиники за да им се даде соодветна нега, информираше Филипче.

Градоначалничката на Татово Теута Арифи, вечерва изјави дека пожарот избил со голема брзина. Таа изрази жалење за изгубените животи, не прецизирајќи го бројот на жртви. Додаде дека во модуларната болница во тетовската болница во моментот на несреќата се лекувале многу луѓе.

Повеќе од 30 пожарникари интервенирале со седум возила и за речиси половина час го изгаснале пожарот што избувна вечерва во модуларната болница во Тетово. Како што изјави заменик-командирот на тетовската противпожарна единица, Сашо Трајчевски, пламените јазици биле огромни, а од болницата се ваделе и жртви, но тоа се очекува да биде и официјално потврдено.

Во 21 часот и две минути е пријавено дека гори модуларната болница во Медицински центар – Тетово. Екипите за три-четири минути пристигнаа на лице место со околу седум возила и над 30 пожарникари учествуваме од двете страни. Екипите кога пристигнаа, се беше во пламен. Тоа е внатрешно, не е надворешно. Се што е од наша страна употребено во 21 часот и 30 минути е локализиран пожарот. Во 21 часот и 45 минути е ликвидиран комплетно. Додека се гасеше пожарот, пламените јазици беа огромни, модуларната болница е се со пластика, се вадеа и жртви. Не може да го знаеме бројот, се уште немаме евиденција да видиме колку се, што се. Мислам дека има уште една жртва онде што седи, таа е проверена, најверојатно е и почината. Но, има служби што работат на тоа и треба да утврдат од што е и како. Ние не можеме за тоа да даваме информации. Службите ќе го средат тоа, изјави Трајчевски.

Според него, пожарот е изгаснат моментално, а употребени биле сите расположливи средства.

Г.М.
Фото: МИА