Охридските фудбалери победувајќи го лидерот на табелата Гостивар со минимални 1-0 (0-0) забележаа голем триумф на почетокот од вториот круг во Втората македонска фудбалска лига-запад.
За „рибарите“ ова беше трета победа со идентичен резултат (1-0), инаку четврта во досегашниот дел од сезоната. Со 15-от бод, охриѓани се пробија во горниот дел од табелата и се одлепија од екипите кои се борат за опстанок.
После почетното испитување на силите Охрид имаше две шанси во серија. Првиот обид на Един Мерсовски заврши за малку покрај голот, додека ударот на Александар Целески беше лесен плен за гостинскиот голман Ферат Рамани.
Гостиварчани околу 15-та минута ја презедоа иницијативата и почнаа да играат на половината од Охрид. Гостивар креираше добра акција по која Љупче Трпески го фаулираше Џемаил Есати во казнетиот простор. Судијата Димитар Пилешков покажа на белата точка. Резултатот остана почетниот 0-0, откако охридскиот чувар на мрежата Никола Симоновски му го одбрани ударот на Есати.
Одбранетиот пенал им даде ветар во грбот на охриѓани и заиграа како што почнаа. Изгледни шанси немаа, но не дозволија ниту возбудување пред својот гол.
Првата прилика за погодок во второто полувреме ја имаа гостите, кои преку Настевски ја погодија стативата. Гостивар продолжи со нападите, но тие во главно завршуваа со добра интервенција на охридската одбрана или пак, голманот Симоновски кој беше на висина од задачата.
После 20-тина минути игра во второто полувреме „рибарите“ имаа супер прилика, но Бурхан Алији не упати прецизен центаршут до осамениот Целески.
Одлуката за победа падна во 81-та минута. Стрелец на голот беше Целески. Одбраната на Гостивар не реагираше најдобро после обидот на Ариф од корнер, а одбиената топка стигна до Целески, кој со првенецот сезонава донесе огромна радост и победа, на крајот.
Во завршните десеттина минути, охриѓани со добра игра во одбрана го зачуваа минималното водство и забележаа нова победа во Втората лига.
Во следната рунда Охрид гостува кај тимот на Велешта.
Состави:
Охрид: Симоновски, Цуцули, Маркоски, Целески, Алији, Мерсовски (90` Новичиќ), Бакулески (76` Дишлиевски), Ристески (46` Ѓорѓиески), Ариф, Трпески, Вељаноски
Гостивар: Рамани, Реџепи, Даути, Лимани, Настевски (79` Ќаили), Есати, Гаши (64` Спахиу), Стојковски, Зеќири (86` Демири, Белули, Кировски.
Мх.П.