Мнозинство, односно 71,3% од граѓаните се израџиле загриженост кога размислуваат за моменталната состојба во светот и земјата во однос на новиот корона вирус и Ковид-19 кризата, а 28,5% рекле дека не се загрижени. Ова го покажа истражувањето спроведено од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и М-Проспект.
Мнозинство од граѓаните (60%) се загрижени дека тие лично ќе се заразат со корона вирусот. Граѓаните се поделени околу степенот на загриженост за тоа дека можеби без да знаат го имаат и го шират вирусот Ковид-19 (48,8% од нив одговориле дека се загрижени дека без знаење го шират вирусот, а 45,5% одговориле дека не се загрижени).
Вкупно 42,7% од граѓаните, водејќи се од она што до сега го чуле или виделе, сметаат дека корона вирусот (Ковид-19) е излезен од лабораторија со намера, а дополнителни 6,0% сметаат дека вирусот е излезен од лабораторија, но по грешка.
Речиси 48 проценти од Македонците сметаат дека коронавирусот е направен во лабораторија. Кај албанската етничка заедница, пак, 25 проценти се изјасниле дека вирусот е излезен од лабораторија, а исто толкав процент не верува дека вирусот Ковид 19 воопшто постои. Кај Македонците, пак, 5,7 проценти се изјасниле дека вирусот не постои.
Мнозинство од испитаниците, односно 59,1% одговориле дека во моментов работат од работното место, 22,0% одговориле дека се на принуден одмор, а 17,8% одговориле дека работат од дома.
Големо мнозинство (80,0%) од испитаниците одговориле дека работното место им е сигурно. Слично, големо мнозинство (76,2%) од испитаниците одговориле дека се сигурни во однос на приходите на нивното работно место. Сепак, големо мнозинство од нив сметаат дека многу луѓе ќе го изгубат работното место поради вирусот (79,3%).
OhridNews