Ситуацијата со пожарите во Македонија станува алармантна. Горат планини на истокот и западот од земјата, а од попладнево активен е голем пожар над селата Куратица и Опеница охридско, во правец на Илинска и Плаќенска планина.
Според информации од теренот, пожарот е на тешко пристапен терен поради што гаснењето е значително отежнато. Состојбата дополнително ја компликува неповолниот ветар и фактот дека силен пожар повеќе денови беснее и во демирхисарскиот дел од Илинска планина.
Како што дознаваме поради ситуацијата со пожарите вечерва е свикан Локалниот совет за превенција при Општина Охрид, на кој ќе биде разгледана состојбата и ќе се дефинираат потребните мерки.
Во меѓувреме, по упатеното барање за помош од Македонија, Германија и Шведска мобилизираа по два авиони од флотата на ЕУ намената за справување со пожарите – РескЕУ, а оваа помош беше надополнета со хеликоптер од флотата стационирана во Чешка и со по еден хеликоптер од Словенија и Србија, соопшти денеска Европската комисија.
Дополнително, во земјава е распореден и офицер за врска од Координативниот центар за одговор при итни случаи на ЕУ со цел поддршка на македонските власти во координација на одговорот на пожарите.
Над Охрид попладнево интензивно се слуша звук на авиони кои се вклучени во гаснење на пожарите на и околу Илинска планина.
Г.М.
Фото: Архива Охридњуз