На регионалниот пат Гостивар-Дебар, кај местото викано „Жировничко анче“ во близина на бензинската пумпа на „Макпетрол“ дојде до големо лизгање на земјиштето кое е предизвикано од врнежи од дожд и снег. Според првичните информации, се работи за елементарна непогода, соопшти Центарот за управување со кризи.

Наносот од земја, камења и снег е во должина од околу 500 метри, широк е  околу 100 метри и има висина од околу 90 метри. Патот е целосно блокиран, а извесно време и реката Радика била блокирана – но водениот тек нашол пробив. Има прекин на електричната енергија, а паднати се и повеќе електрични столбови.


    
На терен се претставници од Локалната самоуправа, преставници на Македонија пат, Полициска станица Ростуше и од Центарот за управување со кризи.
    
Состојбата континуирано се следи, а дежурните екипи на Македонија Пат започнаа со расчистување на патот.
    
Од Автомото сојузот препорачуваат граѓаните да се воздржат од патување на овој патен правец.

Ohridnews