Со брзина од 240 км/час на нашата галаксија и се приближува голем облак водород, а во моментот кога ќе удри во Млечниот пат ќе настане вистинска пустош во тој дел на галаксијата, но и незаборавен „ѕвезден“ огномет.
Облакот кој е именуван по астрономката која го открила, Гејл Смит, би требало да се судри со нашата галаксија за околу 20 милиони години, а содржи доволно водород за создавање на милиони ѕвезди со големина на нашето Сонце. Неговиот најистурен дел веќе е дојден до надворешните граници на нашата галаксија. Кога ќе дојде до голема, вистинска колизија, тоа ќе биде сосема нова фаза во развојот на нашата галаксија во која тогаш ќе дојде до уништување на старите и раѓање на нови ѕвезди.
Иако облакот е откриен во 1963 година научниците не беа сигурни дали тој се одалечува или „паѓа“ во нашата галаксија. Користејќи го моќниот Греен Банк телескоп научниците открија и дека облакот е долг 11 илјади а широк 2,5 илјади светлосни години, а во нашата галаксија ќе удри под агол од 45 степени. Облакот моментално се наоѓа на одалеченост од 40 илјади светлосни години и ротира во просторот заедно со нашата галаксија која го привлекува со својата гравитација.
„Не знаеме од каде доаѓа овој облак, но знаеме дека ќе настане вистински спектакл кога ќе удри во Млечниот пат“ вели др. Феликс Локман, член на тимот кој го следи дсвижењето на овој облак. Таков огромен водороден облак кога ќе удри во нашата галаксија (а тоа ќе биде прилично далеку од нашиот Сончев систем) ќе предизвика голем ѕвезден „огномет“ во кој многу ѕвезди ќе бидат уништени но во истиот момент и многу ќе почнат да се создаваат. Најголем дел од нив ќе бидат ѕвезди со голема маса кои ќе „умираат“ набрзо по настанувањето и тоа како супернови, во големи експлозии. Делот од галаксијата во кој ќе удри облакот битно ќе се промени и воопшто нема да има изглед сличен на сегашниот.
Јасмина Т. Момироска