Илјадници граѓани од сите краеви на државата присуствуваат на народниот митинг организиран од ВМРО ДПМНЕ, што се одржува вечерва пред Собранието на Република Македонија. Случувањата и од овој собир OhridNews ќе ги освежува постојано.
Од ВМРО ДПМНЕ најавија дека вечерашниот митинг насловен како „Македонија силна“ ќе испрати моќна порака до опозцијата и нејзините поддржувачи и до силите кои стојат зад лидерот на СДСМ Зоран Заев, кои, според владејачката партија, креираат сценарија за дестабилизација на државата.
Пред присутните прва се обрати историчарот и член на Граѓанското движење за одбрана на Македонија, која рече дека Македонија се соочува со украинско сценарио и побара од премиерот да ја заштити волјата на народот.
На учесниците на протестот им се обрати и лидерот на ГРОМ и градоначалник Стефче Јакимовски, кој го обвини Заев дека на незаконски начин сака да ја приграби власта и да им го одземе неприкосновеното право на граѓаните на избор.
-Тука се 100.000 луѓе кои ја почитуваат својата земја, луѓе од сите националности, кои што сакаат да живеат во една заедничка, стабилна, рамноправна и економски просперитеттна држава, луѓе кои не сакаат немири. Приватноста на граѓаните е светиња во која Заев бескруполозно чепка. Тој е влезен насекаде, во домовите, на работни места, дури и во спалните, поседува интима на 26000 граѓани со една цел да ја урне владата и столбовите на државата. Но еден хаос ќе роди друг хаос, поголем и пострашен во кој ќе страдаат најмногу граѓаните. Ние не сакаме да соработуваме со странски служби да бидеме нивна маша за реализација на апокалиптички сценарија. – рече Јакимовски.
Свое обраќање на митингот имаше и Дојчин Цветановски, почесен претседател на СОНК.Според него таканаречените „бомби“ на опозцијата имале за цел таа насилно да дојде на власт.
– Нивните бомби не ја постигнаа целта, тоа е невозможно да го направат. – рече Дојчиновски порачувајќи дека секоја нова бомба е бумеранг.
На митингот беа прочитани писма на поддршка од евро пратеници и од Европската народна партија, во која се изразува поддршка на ВМРО ДПМНЕ.
На митингот на кој се веат многу партиски и државни знамиња, последен се обрати претседателот на ВМРО ДПМНЕ и премиер Никола Груевски.
– Македонија во овие 3,5 месеци е под жесток напад на кој молчиме. Нашите реакции не беа како што навикнавте, молчевме но доста беше, Македонија време е да одговори!, рече на почетокот од своето обраќање Груевски.
Тој упати порака дека власта нема да се предаде.
-Мислеа дека ќе не скршат, со креирани и монтирани снимки и со терористички банди, мислеа дека ќе потклекнеме, но вечерва го добиваат одговорот -„Нема повлекување, нема потклекнување, нема предавање, Македонија е силна!“ – рече Груевски.
Митингот на ВМРО ДПМНЕ протекна мирно.
OhridNews