На 26 јули на сцената на Долни Сарај љубителите на рокот и убавата музика ќе имаат можност да уживаат и се потсетат на безвремените хитови на познатата рок група Пинк Флојд. Охридскиот музичар Ѓоко Танески денес го најави проектот NUMB Tribute to Pink Floyd во чии рамки ќе се одржи концертот на Долни Сарај.

– Под влијание на нашите родители и повеќе генерации кои израснаа со музиката на Пинк Флојд се одлучивме на оваа иницијатива за изведување на нивните најголеми хитови. На иницијатива на нашиот гитарист Анатолиј Арнаудоски, се одлучивме за еден ваков поголем чекор. Веќе неколку месеци напорно вежбаме и се подготвуваме за премиерата. Имаме уште време и секако дека ќе направиме песните да звучат онака како што треба затоа што Пинк Флојд не само што се слуша, туку и се гледа. Сакаме да го изведеме проектот на неколку сцени во државата, но ако има интерес би сакале да го прикажеме и надвор, рече Танески.

Зад проектот стои екипа од 11 музичари од Охрид и Струга. Димитри Алчев (гитара и вокал), Анатоли Арнаудоски (гитара), Ѓорѓи Калајџиевски (тапани), Владомир Кречоски (бас гитара), Никола Јосифоски (сајзери), Ангелко Јовчески (перкусии), Горан Папазоски (саксофон), Ѓоко Танески (вокал) и Ана Костадиновска, Сара Николовска и Весна Илиќ Павловска како пратечки вокали.

Пинк флојд, англиска рок-група, препознатлива по психоделичната или спејс рок музика, а со текот на времето и по нивната прогресивна рок-музика. Групата е позната по филозофските текстови, експериментирањето, иновативните корици на албумите и ненадминливите настапи во живо. Едно од нивните најголеми достигнувања во рок-музиката, е продажбата на повеќе од 200 милиони албуми низ светот, вклучувајќи 74,5 милиони албуми само во САД.

OhridNews