Факултетот за туризам и угостителство од Охрид деновиве е домаќин на експерти вклучени во меѓународниот проект „MORIN – Mobility Recognition for Integration“ – Препознавање мобилност за интеграција, кој вклучува повеќе земји, и се однесува на „Интеграцијата на мигрантите“ како регионален сеопфатен приоритет.
Фокусот е на академското препознавање на студентската мобилност врз основа на резултатите од учењето како иновативен педагошки пристап, неопходен и релевантен за поврзување на работата со образованието. Истата треба да се постигне преку обезбедување на транспарентност на наставната програма, споредување на наставните програми, флексибилност за подобрување на процедурите за признавање и трансфер на студии, како и со ревидирање на содржината на курсевите, методологиите и оценувањето за да се обезбеди учење насочено кон студентот и ориентирано кон вештини. На овој начин, ќе се даде меѓународна, глобална димензија на наставната програма со цел зајакнување на соработката меѓу Албанија, Македонија, Косово, Србија, БИХ и Црна Гора, за размена на студенти и интрарегионално вработување и поврзување, информираат од ФТУ Охрид.
Проектот има за цел развивање документи и алатки за воспоставување заеднички регионален пристап за академско признавање, интернационализирање на наставната програма преку глобални резултати од учењето, инкорпорирање мобилност и воспоставување институционални процедури за признавање на мобилност преку кредит трансфер систем, преку усвојување модел на резултати од учењето за подобрување на транспарентност, квалитетна настава и учење за потребните вештини во иднина.
Во рамките на проектот ќе се спроведе регионално мапирање. Ќе се развие алатка за препознавање/признавање на мобилност за самооценување, регулативи за признавање на ниво на целата институција и упатства за академско признавање преку резултати од учење.
Високо-образовните институции на Западен Балкан, односно, професорите и студенти, се јавуваат како директни корисници, а резултатите ќе може да ги користат и инкорпорираат во нивната работа и други универзитети во регионот, министерства, креатори на политики и експерти.
Проектот МОРИН започна на 1 декември 2023 и се очекува да трае 24 месеци. Во него вклучени се Универзитетот во Валона, Европскиот универзитет од Тирана и Професионалниот универзитет од Тирана, Албанија, косовските универзитети AAБ Колеџ и Бизнис колеџот, Универзитетот Палацки од Чешка, Универзитетот во Ниш, Србија и Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во чии рамки е Факултетот за туризам и угостителство од Охрид, како претставник од Македонија.
Г.М.