Триста шеесет и три пријави биле поднесени на првиот ден од првиот уписен рок за запишување на нови студенти на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид.

Годинава заинтересираните за Факултетот за туризам и угостителство ќе можат да бираат помеѓу шест  насоки: туризам, царина и шпедиција, осигурување, гастрономија, хотелско-ресторантски менаџмент и насоката  безбедносност и финансиска контрола што ќе се реализира во соработка со Полициската академија во Скопје.

Како што не информираа од факултетот, најмногу интерес младите пројавуваат за насоката безбедносност и финансиска контрола – 82, за туризам – 55, царина- 27, осигурување -34, за хотелско ресторанската насока пристигнале 10 пријави, а најмал интерес имало за насоката гастрономија – 8. На дисперзираните студии во Велес најмногу интерес имало за насоката осигурување – 74, за туризам – 42, хотелско ресторанска насока – 21 и за гастрономија – 10.

Првиот уписен рок завршува утре, а резултатите ќе бидат објавени на 2 септември. Вториот уписен рок е на 15 и 16 септември, а евентуалниот трет уписен рок, доколку за тоа има потреба ќе се одржи на 6 октомври. Студентите во државната квота ќе партиципират со 200 евра, додека останатите студиската година ќе ги чини 600 евра.

Г.М.