Во рамките на одбележувањето на Неделата на Црвениот крст (8-15 мај), во организација на Црвен крст Охрид, на 11.05.2008 г. (недела) на просторот помеѓу трговскиот центар “АМАМ” и спортската обложувалница “ПРЕМИЕР”, со почеток во 11:00 ч., ќе се одржи голем хепенинг на кој учество ќе земат познати музички ѕвезди од македонската естрада.

Во рамките на оваа манифестација од страна на активистите на Црвен крст Охрид ќе бидат промовирани принципите на движењето на Црвениот крст преку презентирање на активностите на Црвен крст Охрид, Единицата за спасување на планина и непристапни терени при Црвен крст Охрид ќе изведе показна вежба на спасување на лице од опожарен објект, а ќе биде реализирана и крводарителска акција на која секој кој ќе дарува крв ќе добие евидентен број со што станува потенцијален добитник на наградата на оваа крводарителска акција – мотор (скутер), која Ќе биде извлекувана на крајот од крводарителската акција (околу 16:00 ч.).

Со оваа манифестација и официјално ќе се означи почетокот на кампањата за спортско-рекреативната хуманитарна акција „За посреќно детство”, која ќе се одржи на 31.05.2008 г.
По повод Неделата на Црвениот крст, на 11.05.2008 (недела) во 10:00 ч. делегација на Здружението на Анри Динан од Струга и Црвен крст Охрид, ќе положат свежо цвеќе пред бистата на основоположникот на движењето на Црвениот крст, Анри Динан, во Охрид.

ohridnews