Утре, со почеток во 20 часот во Центарот за култура „ Григор Прличев“ градскиот хор кој опстојува повеќе од три децении, ќе одржи годишен концерт, под диригенство на професор Бурим Хидри. Љубителите на хорското пеење ќе имаат можност да ја слушнат изведбата на десет разновидни композиции, меѓу кои преработки на народни песни, класични, современи, сакрални, како и преработки на забавни композиции.
– Премиерно ќе изведеме и композиција од охридскиот, познат композитор со големо реноме во светски рамки, Гоце Гаврилоски. Тоа ќе биде преработка на народна песна со која на меѓународен конкурс во Русија има освоено прва награда во категоријата- народен текст. Премиерно беше изведена во Русија од страна на женски хор, а сега авторот специјално за нас ја преработи за мешан хор. Ќе има и две мои преработки на композиции, вели диригентот професор Бурим Хидри.
Во градскиот хор, покрај помладите членови, има и охриѓани кои се дел од него повеќе од една деценија.Како што тие потенцираат, најважно е да се има љубов кон хорското пеење кое облагородува.
– Дел од нас постарите членови може да се каже дека сме фанатици за хорското пеење. Сме истраиле до денес, сите овие години и покрај бројните препреки, но кога сакаш нешто нема што не може да се надмине. Со новиот диригент хорот доби една нова содржина, се внесе многу убава и позитивна работна атмосфера, многу пати меѓусебно се дружиме и после пробите, раскажува еден од најстарите членови на хорот, потенцира Славе Паскали.
Директорката на Центарот за култура, Драгана Боцевска потенцира дека се подобрени условите за работа во центарот каде членовите на градскиот хор непречено може да ги одржуваат своите проби и подготовки. Хорот е отворен за секој кој е заинтересиран да се зачлени. Нови членови се примаат секојдневно,иако голема аудиција е предвидена во септември.
До охридскиот градски хор постојано пристигаат понуди за учество на бројни меѓународни фестивали за хорско пеење. Уште наредниот викенд, хорот ќе учествува на реномираниот фестивал во Тетово каде ќе биде изведен дел од репертоарот од годишниот концерт.
Т.К.