Бројни институции и компании ширум светот, вклучително и аеродроми, банки, болници и медиуми, пријавија технички дефекти што им предизвикуваат тешкотии во рабтењето. Забележани се значителни проблеми на аеродромите во Австралија, Германија, Холандија, Шпанија, но и во регионот, пренесува хрватскиот портал Индекс.
Голем број летови беа одложени и на патниците им беше препорачано да контактираат со нивните авиокомпании за најновите информации. Голем број европски авиокомпании и аеродроми исто така пријавија проблеми. Водечките американски авиокомпании – Delta, United и American Airlines – ги прекинаа своите летови низ светот. Во Британија прекинато е емитувањето на телевизијата Скај њуз, а потешкотии во работата пријавиле и повеќе светски банки.
Очигледно, проблемот настанал по последното ажурирање на антивирусната програма Crowdstrike, што предизвика феномен познат во ИТ светот како „синиот екран на смртта“ на компјутерите со Windows.
Како што пренесува Би-Би-Си, сè повеќе извештаи сугерираат дека компанија за сајбер безбедност наречена Crowdstrike, која произведува антивирусен софтвер, направила ажурирање на софтверот што тргнало наопаку и ги блокирало уредите со Windows.
Компанијата Мајкрософт соопшти дека презема „акции за ублажување“ на проблемите пријавени од корисниците, кои предизвикаа технички проблеми и прекини во функционирањето на компаниите и банките ширум светот.
Компанијата истражува прашања поврзани со обезбедувањето на клауд услугите во САД, како и проблем што влијаеше на неколку нејзини апликации и услуги, се вели во соопштението.
Во Австралија, голем број банки, медиуми и авиокомпании известија дека се изложени на масовен ИТ напад и нарушување на комуникациите. На аеродромот во Сиднеј откажани се летови, во супермаркетите е хаос, а нарушени се и програмите на ТВ мрежите поради дефект на компјутерските системи и графиката, пренесува МИА.
И фирми како Телстра и Гугл, исто така, регистрираа тешкотии.
Г.М.