Се почесто зградите во Охрид, особено од комплексот „скопски“ зјаат празни по завршувањето на летото. Од време на време, најчесто за викенд ќе дојде некој и толку, вели Жарко Тодороски, жител на една од многуте згради во градот во кој повеќето од станарите се од надвор. Во неговата зграда само три стана се  жители со постојано живеалиште во Охрид. Останатите најчесто доаѓаат во лето, но ниту тогаш не водат сметка за тековните обврски, се жали нашиот соговорник. Влез во распаѓање, руиниран ходник, оштетени сандачиња, исчкртани ѕидови е сликата која ја затекнавме во зградата на Жарко.


– Проблемите во овие згради таканаречени „скопски“ се уште од почетокот,значи уште кога се изградени.Имено во оваа зграда само што се вселија 3-4 фамилии беше буквално украдена целата влезна  врата. Во текот на годината секојдневно има  проблеми со сијалици, чистење, косење и одржување паркот пред зграда и сето тоа е оставено само на 3 фамилии кои живеат преку целата година од вкупно 19 станови. И замислете како може да функционира зградата, вели Тодороски.


И кога ќе дојдат на лето комшиите ништо не се менува додава Тодороски. Договоривме секој стан да даде по 1200 денари за тековно одржување со што сите се согласија, но на крај од летото сите си заминаа без да уплатат средства така што проблемите остануваат, објаснува Тодороски.


Проблеми како овие во зградата на Жарко има и во други помалку или повеќе населени станбени објекти во Охрид. Се проценува дека во најголемиот туристички центар во земјава има околу 6-7000 викенд станови. Добар дел од сопствениците не ги подмируваат трошоците за одржување на зградите, дел од нив не плаќаат редовно режиски трошоци и данок, а има и случаи кога становите нелегално се издаваат под кирија. Неодамна Владата го презентираше новиот закон за домување кој според најавите треба да стави ред во колективните згради. Додека тој профункционира станарите како Жарко ќе ги молат комшиите да ги подмират обврските за одржување на заедничките простории кои или се распаѓаат или се во многу лоша состојба.

Горан Момироски
Мирко Постолоски