Една од најфрустрирачките работи што може да ви се случи додека возите е да ви „цркне“ колата на сред пат. Во наши услови (споредено со западните земји) тоа е прилично честа појава. Возачот на фотографииве се најде во таква ситуација , имено на крстосницата кај Гимназијата, на улицата „Јане Сандански“ му „скува“ којзнае колку старото „фиќо“. Немаше избор освен со помош на младото момче да го истурка на „сигурно“. Не тврдиме, односно не знаеме дали овој „музејски еспонат“ е регистриран.


„Фиќото“ издиша


Го туркаат до првиот паркинг

Според некои податоци, просечната старост на возилата во Македонија е околу 10 години, а дури 140.000 возила возат по патиштата – нерегистрирани. Официјално регистрирани возила има околу 280.000, но со точност се знае дека по патиштата низ Македонија возат околу  420.000 возила. Значи просекот на нерегистрирани возила е некаде 30 отсто. За споредба тој процент во Германија е 3%, во Шведска 2% итн.

„Стандард во Западна Европа е некаде најмногу до три отсто да има нерегистрирани возила, и тоа од некои оправдани причини. Се што е над тоа се смета за неодржливо и мора да се санкционира. Сите земји, што се стремат кон ЕУ, мора да го исполнат овој стандард, а тоа беше случај и со Бугарија и Романија. И тие имаа голем процент нерегистрирани возила, но мораа да ги сведат на овие три отсто. Истото мораме и ние да го направиме. Решавањето на проблемот бара време, а треба и учество на голем број фактори и средства“, вели Јонче Поповски, директор на Националното биро за осигурување.

Како ќе се оствари тоа е прашање бидејќи за регистрирање на нпр. Југо 1.1 (55кс) треба да се издвојат безмалку 10.000 денари што е многу повеќе од реалните месечни примања на голем број Македонци.

С. Костоски