Заврши и овогодинешниот турнир во гаѓање со воздушно оружје „Илинден 2024“ во организација на стрелачки клуб „Охрид“ од Охрид, кој и оваа година беше под покровителство на Општина Охрид и Македонската спортска стрелачка федерација.
На Турнирот учество зедоа речиси сите клубови од државата и три стрелачки клубови од Бугарија: „Санел“ од Сандански, „Пирин“ од Благоевград и „Тракиа“ од Пловдив со околу 60-ттина стрелци од сите возрасни категории, додека учеството го откажаа клубовите од Грција, Црна Гора, Косово и Албанија поради користење на годишни одмори.
Во исклучително силна конкуренција, стрелците од охридските клубови и овојпат успеаја да освојат голем број на медали, во речиси сите категории и во двете дисциплини, инфомираат организаторите.
Во категорија сениорки пушка Ива Маленко од СК „Охрид“ се закити со златен медал, со константен резултат од 597,5 кругови
Во категорија јуниори пушка репрезентативецот Кристијан Балоски од СК „Охрид’’ се пласира на третата позиција со огромен пад во неговиот резултат од 582,8. Во истата категорија, Бојан Спасеновски од ЖСК „Лихнидос“ се пласира на 5-тата позиција со резултат од 578,7 кругови.
Во категорија јуниорки пушка Теодора Спироска од СК „Охрид“ се пласира на седмата позиција со резултат од 571.6 кругови, Драгана Локоска на деветтата позиција, додека Ана Танеска на десеттата позиција.
Во категорија на помлади јуниорки-пушка (до 15 години) свој дебитантски настап имаше Ирина Кусева од СК „Охрид“ која со резултат од 320,7 кругови се пласира на 4-тата позиција, додека нејзината клупска другарка Деа Стојаноска со заостанување од 0,1 кругови се пласира на 5-тата позиција.
Во дисциплината воздушен пиштол-јуниорки, Стефани Савеска од ЖСК „Лихнидос“ застана на вицешампионската позиција со резултат од 532 кругови. На третата позиција се пласира Наталија Савеска истотака од ЖСК „Лихнидос“ со резултат од 531 круг. Кај јуниорите на пиштол Иван Милевски од СК „Охрид“ се пласира на вицешампионската позиција со резултат од 533 кругови, додека Климент Мостро од ЖСК „Лихнидос“ се пласира на третата позиција со резултат од 525 кругови. Кај помладите јуниори Никола Тодороски од СК „Охрид“ се пласира на третата позиција со резултат од 317 кругови.
Во конкуренција на сениори пиштол најдобро пласиран од охридските клубови беше Даниел Михајловиќ од ЖСК „Лихнидос“ кој на вицешампионската позиција се пласира со резултат од 538 кругови. Велибор Балоски од ЖСК „Лихнидос“ и овај пат не успеа да застане на пиедесталот, па мораше да се задоволи со со 4-тата позиција со резултат од 514 кругови. Неговиот клупски другар Ванчо Каранфилов се пласира на 5-тата позиција со резултат од 510 кругови. Кај сениорките на пиштол Валентина Гоџоска од ЖСК „Лихнидос“, се закити со бронзен медал, со резултат од 515 кругови.
OhridNews