Познатиот мост Голден Гејт во Сан Франциско наскоро ќе добие специјална заштитна ограда, како би се спречиле самоубиствата со скокови во морето. Бордот на директори на компанијата која управува со мостот денес едногласно одобрил финасиски пакет во износ од 76 милиони долари, колку што ќе чини поставувањето на шест метри висока мрежа од двете страни на мостот. Од вкупниот износ неопходен да се завршат работите, 20 милиони ќе бидат издвоени од наплата на „мостарина“. Од преостанатите 56 милиони, најдолем дел ќе биде обезбеден од федералните фондови, а седум милиони од сојузната држава Калифорнија.
За поставување на заштитна ограда на мостот повеќе пати се разговарало во изминативе три децении, но секогаш проблем било обезбедувањето средства. Таа препрека конечно е отстранета пред две години, кога претседателот на САД Барак Обама потпишал закон кој овозможува од федералните фондови да се финасира поставување ограда на стратешки важни мостови. Откако Голден Гејт во 1937 година е отворен за сообраќај, повеќе од 1400 лица извршиле самоубиства со скок од него , а само минатата година имало 46 самоубства.