Со едноминутна почит за жртвите во сообраќајната несреќа во Бугарија и во пожарот во модуларната болница во Тетово, како и за сите кои животот го загубија во битката против Ковид-19, Претседателот на државата Стево Пендаровски го започна годишното обраќање во Собранието. Реформите  во правото и  враќањето на довербата во институциите остануваат приоритет и понатаму  со тоа што ќе се донесе правна завршница во секој случај каде постои сомневање за сторени кривични дела, истакна Претседателот.

Мора да се остане на посветеноста на вложувањата во одбраната и безбедноста иако здравствената и енергетската криза притискаат за поинаков распоред на буџетските приоритети, бидејќи безбедноста е основа за функционирање на сите други фактори, истакна Пендаровски, спомнувајќи ја ангажираноста и посветеноста на армијата во пикот на пандемијата како и во учеството со справувањето на пожарите

Пендаровски се осврна и на дезинформациите и моќта врз јавното мислење. Потенцираше дека национален интерес е што поскоро да се унапреди медиумската писменост на граѓаните особено на младите во основните и средните училишта.

Тој говореше и за новите безбедносни предизвици и укажа на потенцијална опасност со која се соочуваат и останатите држави, односно дека позади таканаречените големи инвестиции и инфраструктурни вложувања се кријат и стратешки мотиви за полесен пристап кон нас и кон Балканот. Истакна дека е потпишан Меморандум за разбирање со кој се оневозможува инсталирање на чувствителна телекомуникациска опрема која може однадвор да биде злоупотребена за собирање податоци за македонските граѓани.

Што се однесува до евроинтеграцискиот процес, Пендаровски истакна дека треба да се работи на внатрешните реформи, наместо да бидеме преокупирани со тоа колку време ќе треба другите да се соочат со вистината за нас.

Нашиот источен сосед, изминатава година имаше серија на избори и независно од емоциите кои ги провоцира изборниот амбиент, она што загрижува е што слушнавме и реторика која ги надминува сите досегашни тврдења поврзани со нашата историја, јазик и идентитет. Една од тие тези е дека спроведуваме системска дебугаризација што е сериозно обвинување кое се разбира нема ништо заедничко со реалноста. Невозможно е амбасадорите на 30 држави кои имаат свои амбасади во Скопје, од кои 16 се земји-членки на Европската унија и кои на дневна основа ги следат состојбите кај нас, да не известат во своите главни градови за еден таков процес, кој ако постои, би бил рамен на геноцид, истакна Пендаровски.

Тој подвлече дека пролонгираната состојба на статус кво не може да предизвика безбедносна дестабилизација на државата, независно од бројот на нон-пејпери кои одредени упорно ги лиферуваат.

Немаме дилема околу тоа дека европските интеграции немаат издржана алтернатива за нас, но, тие секако имаат своја цена. Ако таа цена значи откажување од нашиот идентитет, не гледам политичар кај нас кој ќе сака да го продаде својот народ за такви европски интеграции. Во наредниот период ќе биде неопходно со новата влада со забрзано темпо да пристапиме кон пополнување на испразнетите амбасадорски места и со здружени напори да посветиме поголемо внимание на билатералните релации кои опфаќаат многу повеќе аспекти, отколку само поддршка за членство во Европската Унија, порача Пендаровски.

Претседателот се осврна и на проектот МКД 2030 кој беше презентиран пред две години во годишното обраќање, но работата на овој документ беше забавена поради пандемијата.

МКД 2030 сега ќе акцентира повеќе меѓузависни теми и области од дигитализацијата, децентрализација и демократизација, наука, борба и масовно иселување на младите, а документот на ќе биде готов кон средината на 2022.

Пендаровски потенцираше дека е крајно време да се стави прашањето што се прави за културата која е заборавена и доминира негрижа, затоа што за Европа не се важни само судските и бирократските реформи, туку и нашиот културен влог.

Во Европската Унија членуваат земји со уникатен социо-културен развој, таму не се оди како ничија земја, како дрво без корен. Ние имаме светски референтни дела на тој план и не смееме да бидеме исклучок од тоа правило, заради себе, не заради нив. Затоа е потребна далеку поголема грижа за нашиот јазик, за нашите стожерни културни институции, за нашите паметници, за виталните белези на нашиот идентитет, подвлече Пендаровски.

Пендаровски порача дека иднината ќе зависи од одлуките кои се носат тука во нашите национални институции и очекува новата Влада час поскоро да се позабави со реалните проблеми на граѓаните.
Претседателот го поздрави и  чинот на повлекувањето на Заев од политиката како нешто што не се случува често во новите демократии, и покрај, како што рече нивните индивидуални несогласувања по одредени прашања и дека Заев се повлекува во време кога неговата партија е на власт, а тоа е дијаметрално спротивна ситуација од 2017-та, кога не било можно  да се изведе мирна транзиција на власта при оформено парламентарно мнозинство, што директно ги испровоцира настаните од 27 априлм, истакна Пендаровски.

Претседателот го заврши своето обраќање со желби за во 2022 година да заврши пандемијата и порача до сите граѓани и политичари во годината што доаѓа да се обидеме барем малку повеќе да се почитуваме меѓу себе.

 

К.А.