Во текот на 2019 година, Јавната установа Национален парк Галичица (ЈУНПГ) продолжи со трансформацијата на своето работење, преку зголемување на приходите од туристички активности, а намалување на приходите од директно користење на природни ресурси.
За таа цел, во текот на оваа година, а согласно Годишната програма за заштита на природата, Јавната установа Национален парк Галичица изработи нова веб страна (http://galicica.org.mk/) и мобилна апликација за Андроид и IOS паметни телефони.
Со тоа се подобрува запознавањето на посетителите со природните и културни вредности на Националниот парк, но исто така се допринесува за поголема безбедност на посетителите на паркот и подобрување на туристичката понуда во Охрид и регионот.
Исто така, во рамки на своите активности, ЈУНПГ подготви и ново промотивно видео за убавините на Националниот парк, а во соработка со Фондот за природа Преспа-Охрид беше изработено и видео кое ја прикажува соработката меѓу установата и ПОНТ на интересен и лесно разбирлив начин.
По повод денот на Национален парк Галичица (25 октомври), Јавната установа Национален парк Галичица распишa ликовен конкурс на тема: „Убавините на Национален парк Галичица“. Резултатите од овој конкурс беа веќе објавени, а наградите ќе бидат доделени на одбележувањето на прогласувањето на Националниот парк Галичица заедно со презентација на веб страната, мобилната апликација и видеата.
Настанот ќе се одржи на 1 ноември 2019 година (петок) во Инфо центарот на Јавната установа Национален парк Галичица во Охрид, со почеток во 12:00 часот.
OhridNews