Рачно пишуваните белешки буквално одразуваат шок, болка и непоколебливост која владеела во американскиот претседателски авион кога се дознало за терористичките напади од 11-ти септември 2001 година.
Белешките ги пишувал Ари Флечер, портпарол на Белата куќа во мандатот на Џорџ В. Буш, кој се одлучи да ги објави по повод 15-годишнината од најголемиот напад на американска територија од Перл Харбор во Втората светска војна. Има вкупно шест страници и тие се единствениот оригинален транскрипт од она што тогашниот претседател на САД и неговите соработници го збореле во авионот, пренесува „Макфакс“.
„Во војна сме“, рекол Буш зборувајќи во телефонска слушалка. Од другата страна на врската бил потпретседателот Дик Чејни. „Кога ќе откриеме кој ова го сторил, нема да им се допаднам како претседател. Некој ќе плати“, зборувал Буш.
Тогашниот американски претседател Џорџ В. Буш бил во посета на Флорида во моментот на нападите со авиони во Њујорк и во Вашингтон. Претседателскиот авион „Air Force One“ полетал веднаш што се дознало за нападите.
„Секогаш водам белешки. Така ја работам своја работа. Но на 11-ти септември, тоа беше особено важно, бидејќи морав да запишам што претседателот зборува и прави. Се залепив за седиштето целиот ден, слушав и запишува“, изјави Флечер за агенцијата Reuters.
Иако некои делови ѝ се познати на јавноста, Флечер овие белешки досега не ги објави во целина. Од белешките се гледа дека Буш го преплавиле сирови емоции, и дека бил нестрплив да се одмазди.
„Не можам да дочекам да дознам кој тоа го сторил. А кога ќе дознам, нема само да го плеснеме по раата“, рекол Буш.
Флечер опишува и како Буш се обидувал да ја убеди Тајната служба, задолжена за неговата безбедност, што поскоро да се вратат во Вашингтон. Но тоа не му успеало. Авионот „Air Force One“ прво слетал во воздухопловната база „Барксдејл“ во сојузната држава Луизијана, па потоа во базата „Офат“ во Небраска. Во Вашингтон слетале дури вечерта.
„Сакам што побрзо дома. Не сакам тој некој да ме држи надвор од Вашингтон“, рекол Буш мислејќи на организаторот на нападите.
„Нашите луѓе велат дека уште не е сигурно“, рекол еден од соработниците, додавајќи дека истото го мисли и потпретседателот Чејни.
Во белешките на Флечер се наоѓа и морничавата реченица која во авионот ја слушнале во комуникација со земјата: „Ангелот е следен“. Бидејќи кодното име за „Air Force One“ тој ден бил „ангел“ во авионот помислиле дека се следната цел на нападот. Затоа припадниците на Тајната служба стоеле пред вратата од пилотската кабина за случај напаѓачите да се наоѓаат во авионот. Подоцна се покажало дека станувало збор за грешка во комуникацијата.
Претседателот Буш, тогаш на должноста само осум месеци, имал уште еден приорите на ум: безбедноста на своето семејство. Сопругата Лора и двете ќерки се одведени на сигурни локации.
„А Барни?“, рекол Буш распрашувајќи се за својот шкотски териер. „Веќе е зад петиците на Осама бин Ладен“, му одговорил шефот на персоналот Ендрју Кард.
OhridNews
извор: „Макфакс“