Годишната инфлација во Грција за август се зголемила за 11,4 отсто во споредба со истиот период лани, а бележи намалување за 0,2 проценти споредбено со инфлацијата од минатиот месец, согласно официјалните податоци од грчката служба за статистика, јави дописничката на МИА од Атина.

За една година, од август 2021 година, до август годинава, најголемо зголемување на цените има кај природниот гас за 261,3 отсто, на електричната енергија за 38,5 проценти, нафтата за греење се зголемила за 65,1 отсто, а зголемување на цените има и кај прехранбените продукти.

Маслата и мастите се поскапи за 25,5 проценти, лебот, житните производи за 18,5 отсто, млечните производи и јајцата за 18 проценти, месото за 17,1 отсто.

Промени на цените има и во споредба на август со јули. Цената на природниот гас се зголемила за 42,8 проценти, додека, пак, струјата е за 11 отсто поевтина.

Годишната инфлација во Грција во март беше 8,9 отсто, во април 10,2 отсто, во мај 11,3 проценти, во јуни достигна рекордни 12,1 отсто, а во јули изнесуваше 11,6 проценти.

OhridNews