Повеќе од 200 претставници на партнерите на ЕФСЕ од целиот свет, вклучувајќи експерти за развојно финансирање, финансии и банкарство присуствуваат на Годишниот состанок на ЕФСЕ што се одржува во Охрид.


Главната тема на овогодинешниот состанок е „Одговорен раст – растечка одговорност“. Панел-сесиите ќе опфатат различни аспекти на одговорни деловни практики во финансискиот сектор и ќе вклучат теми како „Одговорно финансирање за МСП и приватните домаќинства“, „Разбирање на институционалните предизвици предизвикани од сегашната криза“ и „Промовирање на соодветен и одговорен финансиски сектор во време на криза“.


„ЕФСЕ од секогаш бил социјално одговорен позајмувач и ќе продолжи да функционира како таков. Одговорноста во финансискиот сектор е особено важен аспект за нас. Една од главните причини за финансиската криза беше неодговорното кредитирање. Токму затоа сметаме дека одговорното финансирање е клучен инструмент во стабилизирањето и зајакнувањето на финансиските сектори во Југоисточна Европа,“ рече д-р. Клаус Глаубит. Тој додаде: „Сега е вистинското време да дадеме пример за чесен третман на клиентите, транспарентност на условите за кредитирање и подобрување на финансиската писменост на корисниците на финансиските услуги. ЕФСЕ ќе ги зголеми своите активности за промовирање на одговорно финансирање и ќе се здружи со своите партнери од регионот, вклучувајќи ги локалните централни банки, како и оние во Македонија, за да развие работилници за едукација на клиентите, да организира заеднички конференции и да обезбеди обука на персоналот во нашите партнерски институции.“


Дополнително на конференцијата, Фондот ќе одржи состанок со својата Советодавна група за време на Годишниот состанок. Таа е составена од 14 високи претставници на централните банки од партнер – земјите на ЕФСЕ, вклучувајќи ја и Македонија.

Фондот за микрофинансирање ЕФСЕ се стреми да го потпомогне економскиот развој и просперитет во Југоисточна Европа, вклучувајќи ја Албанија, Азербејџан, Белорусија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Македонија, Грузија, Косово, Молдавија, Црна Гора, Романија, Србија и Украина. Тој нуди долгорочни инструменти за финансирање на локалните финансиски институции кои потоа ќе обезбедат кредити за микро и малите претпријатија (ММП) и кредити за домување за приватните домаќинства со ограничен пристап до финансиските услуги.

OhridNews