„Од Битола до Вевчани се сардисано“ беше наслов на годишниот концерт на културно уметничкото друштво „Дримкол“ што синоќа се одржа во Домот на културата во Вевчани.

Концертот, како што истакна Јасмина Бебекоска од КУД „Дримкол“, годинава бил посветен на традиционалниот фолклор од Југозападното играорно подрачје.

Синоќа Вевчанци со песна и оро тргнаа од Битола, преку Железник во Долна Преспа, потоа во Охрид и низ Струшкото поле стигнаа во своето Вевчани. Особено ни е драг овој концерт, бидејќи ја презентиравме традиционалната играорна култура на Брсјаците, истакна Бебекоска.

Публиката, забележа таа, со воодушевување ја прифати програмата и ја награди со силни аплаузи.

И со овој концерт КУД „Дримкол“ докажа дека е достоен чувар на традиционалната култура во нашата држава, нагласи Бебекоска.

Концертот е финансиски поддржан од Министерството за култура.

OhridNews