Животниот пат на проф. Д-р Павле Митрески, познат македонски историчар и истражувач кој со својот огромен истажувачки труд осветли бројни страници од македонската историја, влезе во десеттата деценија. Дека со истрајна и посветена работа, се доаѓа до исклучителни резултати говори фактот што во текот на своето творење и пишување, до денес има објавено околу 15-тина трудови од историска гледна точка за Македонија, а посебно за Охридско-струшкиот регион.

Во принцип моите пишувања се базирани на документи. Јас сум од школата на академикот Љубен Лапе, од каде имам и добиено совети дека само со документи може да се докаже вистината. Многу пробале да опонираат, но документите што ги имам собирано, го докажуваат своето. Од ова охридско јадро овде, многу доктори на науки се излезени меѓу двете светски војни. Ретко кој град може да се пофали со ваква интелегенција, а јас и за тие луѓе имам пишувано. Но, најинтересно за мене е што докажав дека големиот светски научник, Михајло Пупин, за кого напишав три книги, неговото семејство води потекло од нашите македонски краишта, вели професор Митрески.

Додава дека посебен белег во неговиот творечки пат остава и трудот за занаетите во Охрид, кој му бил и докторска дисертација, но се потсетува и на книгата за студенското движење која говори за студенстката колонија од белградскиот универзитет, која создаде едно комунистичко јадро.

Плодната авторска дејност продолжува и понатаму. Имав материјали снимено од архивите во Македонија, Србија и ми стоеа необработени. При крај сме со монографијата која заедно со магистер Димитар Смилески ја посветуваме на Лев Огненов, секретар на Охридската Митрополија, една интересна учителска интелегентна фигура, која има доста оставено спомени, сеќавања, движења. Во втората книга со која, исто така сум на самиот крај, се опфатени обичаите, носиите во Дримкол Струга. Оваа книга благодарение на професорот, етнолог Бранислав Рушиќ, со кого имав прилика да стапам во контакт, дојдов до материјали поврзани со обичаите кои ги преснимав од Македонската академија. Макотрпна работа која е документирана, вели Митрески.

Професорот Митрески е рецезент и на монографијата за општинската организација на Црвен крст Охрид од Миле Трпеноски и Љупчо Милкоски. Станува збор за книгата „Впечатоци за хуманоста“, со богата содржина исполнета со хуманизам и човечност што се одвивал и се одвива, овде, во Охрид и Македонија, со оставени и подарени искрени впечатоци и чувства на луѓе од сите страни и простори на светот, кои со текст или слика искажале благодарност за односот кон нив.

Во деветтата деценија од животот, Митрески забележува преку стотина библиографски единици. Меѓу негови поважни дела се вбројуваат „Занаетчиството во Охридско-струшкиот регион (1918-1970 година)“, „Студентската колонија во Охрид (1938-1949)“, „Историски прилози за Охридско- струшкиот регион“, „Српски документи за историјата на Охридско-струшкиот регион (1890-1940), „Студии за Охридско- струшкиот регион“, „Охридската гимназија (1913-1944)“, „Охрид 1912“. Митрески долги години од неговото истражување посветува на животот и делото на Михајло Пупин, па оттука е и неговото последно дело за Пупун „Михајло Пупин – од Вевчани до Идвор “.

Н.С.Ј.