Триесет и двајца поети од 30 земји ќе учествуваат на 55-то издание на една од најреномираните култруни манифестации кај нас Струшки вечери на поезијата (СВП), коишто ќе се одржат од 24-ти до 29-ти август во Струга. Годинава придружни поетски настани ќе се одржат и во Битола, Ресен, Охрид.

На прес конференцијата што се одржа вчера во Скопје, директорот на Струшките вечери на поезијата, Мите Стефоски, рече ќе има значителни промени на содржините на 55-то издание на фестивалот, пренесува „Макфакс“.

„Внесовме нови форми, локации и начини како тоа да го направиме. Фестивалот има два нови програмски дена исполнети со поинаков концепт. Струшките вечери е една од оние манифестации од оние на кои им припаѓа улогата да биде креатор на културните политики во сферата на поезијата“, рече Стефоски.

Како новитет оваа година, потенцира, е развиен целиот концепт на поетски портрети каде десетминутните читања на сите поети ќе овозможат на публиката да види презентација на разновидни поетики кои меѓу себе се во некаков дијалог.

Стефоски истакна дека во рамки на новата содржина наречена „Поетско кафе“, која ќе се одржува во попладневните часови, ќе има книжевни дебати на одредени теми и поетско читање.

„Ќе има презентација на оние јазици кои се малцински во одредени земји, кои не се официјални јазици. Завршуваме во Скопје со поетското читање, матинето на Матка и поетскиот митинг кај Камениот мост, со што на 29-ти август официјално ќе заврши годинашното издание на Струшките вечери на позијата“, додаде Стефоски.

Годинашен лауреат на наградата „Златен венец“, како што претходно беше објавено, е канадската поетеса, книжевна критичарка, романсиерка, есеистка Маргарет Етвуд.

OhridNews
извор:„Макфакс“