Годинешнава туристичка сезона е послаба од ланската  велат хотелиерите. Тие посочуваат дека во  периодот од 12 јуни до 12 јули на охридската ривиера престојувале околу 8-10 %  помалку гости во споредба со истиот период минатата година, но и помалку гости во однос на месец мај 2009.


Според претседателот на ХОТАМ, Дончо Танески, слабата туристичка сезона се должи на лошата саемска презентација, временските прилики и хаосот во приватното сместување, но и поради несоодветниот однос на домашните туристички агенции.

– Нема високи цени во Охрид, туку домашните агенции не си ја работат својата работа. Полесно им е да одат во Грција да закупат полно за празно во почетокот на годината да платат однапред и после тоа само да продаваат и да шират вести преку медиумите дека Охрид и Струга се поскапи од Грција и Турција. Нека дојдат нека побараат закуп и овде сигурно ќе добијат пониски цени отколку таму, вели Танески


Хотелиерите своите видувања ги изложија на средбата со министерот за економија Фатмир Бесими, што вчера се одржа во Струга. Тие од него побараа да се воведе субвенционирање на аранжманите за странски туристи кои ќе престојуваат повеќе од три дена во земјата и на туризмот да ми се признае извозна дејност.

Министерот Бесими истакна дека тарифникот за субвенционирање е изготвен и наскоро ќе почне да се применува. Според него оваа мерка сама по себе нема многу да ги подобри состојбите во туризмот доколку не се промени нешто и во понудата на туристичките работници.

– Мора да се сфати дека треба да се направат заеднички напори. Туристичките агенции да излезат со нови продукти, хотелиерите со квалитетна услуга и сите да се фокусираме на тоа што бараат гостите и доколку се гради таков имиџ сметаме дека на среден рок тоа ќе значи стабилен развој на македонскиот туризам, рече Бесими.


На средбата во Струга на која присуствуваа уште и  претставници на туристичките комори и локалната самоуправа беа разгледани актуелните состојби во македонскиот туризам.

Ohridnews